Муслиу: Бучковски не е паднат од небо, тој има добри контакти во Бугарија

26

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во гостувањето на Утрински брифинг се осврна на низа актуелни прашања од политичката сфера и спорот со Бугарија за почеток на преговори на Македонија за влез во ЕУ.

Како што истакна тој, блокадата е апсурдна и според него, некои бугарски политичари се однесуваат типично балкански за ова прашање.

„Не е спорно дека има прашања кои долго време се спорни, но да се стави во предизборие како дел од кампањата доведе до оваа ситуација. Мислам дека и таму полека се освестуваат дека ова не е начинот некои прашања да се решат. Оние што велат дека се внимателни оптимисти се во право. Нема ова прашање да се реши веднаш“, истакна Муслиу.

Што се однесува до поставувањето на Бучковски како специјален претставник на Владата, Муслиу вели дека македонската страна не може да биде оштетена и Бучковски треба да го олесни процесот.

„Бучковски не е човек паднат од небо. Тој е поранешен премиер и човек кој има добри контакти во Бугарија и неговиот интелектуален капацитет се прифаќа таму прилично добро. Кај нас секогаш ќе има тензии помеѓу власта и опозицијата, но треба да се биде поодговорен и наративот кој го користиме да биде повнимателен“, додаде Муслиу.