Мустафа свика состанок на претседателството на ЛДК

3

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа свика состанок на партиското Претседателство, пред денешната конститутивна седница на новиот состав на Собранието на Косово, која е закажана за попладнево во 15 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Партијата соопшти дека на медиумите ќе им биде дозволено снимање пред почетокот на состанокот, а подоцна ќе биде издадено соопштение.

Мустафа го свика состанокот на раководството на ЛДК откако вчера лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер откако неговата партија победи на октомвриските избори, преку видео-порака објави дека ВВ и ЛДК не успеале да се договорат за формирање заедничка влада.

На оваа изјава Мустафа синоќа одговори дека за него и неговата партија преговорите со ВВ не се пропаднати и дека „стратегијата на Самоопределување во јавноста да обезбеди епитет на страна која во преговорите е принципиелна и великодушна не успеа“.

Двете досега опозициски партии од порано објавија дека се договориле за програмата на идната заедничка влада, која ќе ја води Курти, меѓутоа до застој во преговорите дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.