Му се исполни желбата на Пандев, победи и во дербито на Џенова

18

Синоќа на Горан Пандев му се исполни една од последните неостварени желби во фудбналската кариера: да победи во големото градско Дерби дела Лантерна.

На „Луиџи Ферарис“ во Џенова синоќа се одигра едно од четирите градски дербија на Чизмата. Сампдорија и Џеноа ги вкрстија копјата, а на крајот се радуваше тимот на нашиот Пандев.

Токму Пандев кумуваше на првиот гол. Во 22. минута Пандев прв стигна до топката во казнениот простор на условно кажано домаќините по што Омар Коли наместо топката ја шутна ногата на Горан и главниот судија Марко Гуида покажа на белата точка.

Сигурен реализатор беше капитенот Доменико Кришито за кој сезонава ова е осми гол од пенал. Пандев доби асистенција бидејќи тој го изнуди пеналот.

Во 32. минута Сампдорија го израмни резултатот. Маноло Габјадини налета на една одбиена топка и со неговиот голгетерски инстинкт лесно ја заби топката во мрежата на Матија Перин.

Победничкиот гол за „Грифоните“ дојде во 72. минута преку данскиот интернационалец Лукас Лерагер кој со прецизен удар ја круниса борбеноста и упорноста на Филип Јагјело. Пандев го одигра целиот натпревар.

Со оваа победа Џеноа и натаму има 4 бодови предност поред Лече, главниот ривал во битката за опстанок. Лече синоќа ја совлада Бреша со 2:1.

Пандев и соиграчите големата победа ја прославија пред празни трибини
Воедно, се исполни желбата на Пандев кој досега во четирите натпревари против Сампдорија (во дресот на Џеноа) немаше дерби победа. Сега, Пандев може да се пофали дека победил на сите градски дербија во Италија на кои настапил: римското, миланското и џеновјанското. Она што синоќа не успеа да го направи е да постигне гол во ова дерби, но тоа можеби наредната сезона.

А, пак, за Џеноа оваа дерби-победа е 25-та, Сампдорија има 39, додека 36 натпревари завршиле нерешено. Ова беше јубилеен 100. натпревар во сите официјални натпреварувања (74 во Серија А, 14 во Серија Би и 12 во Копа Италија).