Нагелсман: Апетитите ни се зголемија, сега сакаме финале

7

Лајпциг е вонсериско чудо. Клубот е формиран пред 11 години, на клупата седи 33-годишен стратег, а најголем дел од фудбалерите немаат ниту „помирисано“ Лига на шампиони претходно. Но, го елиминираа Атлетико Мадрид и сега се во полуфиналето на најквалитетното европско клупско натпреварување. Сега апетитите им се уште поголеми, а следна пречка е францускиот првак Пари Сен Жермен.

„Во првото полувреме не успеавме да создадеме многу шанси, но не му дозволивме тоа да го стори и Атлетико Мадрид. Против нив е многу тешко да се постигне гол, посебно во последните 30 минути, но ние го сторивме токму тоа и го заслуживме полуфиналето. Сега кога сме таму, нормално дека ни се зголемија и апетитите. ПСЖ е одличен тим, но не се и непобедливи. Ќе направиме добар план и за тој меч“, вели младиот тренер на Лајпциг.

Диего Симеоне призна дека Лајпциг го наттрчал Атлетико Мадрид, нешто што не им успева на многу екипи во светот.

„Момците дадоа и повеќе од што можат, а ние не ја наметнавме нашата игра. Тие беа побрзи, добија повеќе дуели, не наттрчаа. Морам да признам дека ми се допаѓа нивниот ентузијазам и свежината со која играа“, изјави тренерот на Атлетико Мадрид.