Надал со победа стартуваше на Австралија Опен и повторно зборуваше за Ѓоковиќ

2

Единствениот тенисер од големата тројка кој настапува на Австралија Опен со победа стартуваше на првиот годинешен гран слем турнир. Шпанецот во првото коло рутински со 6:1,6:4,6:2 го победи Американецот Маркос Гирон и тоа за помалку од два часа.

Надал кој е поставен за шести носител, во второто коло ќе игра со Германецот Хафман кој беше подобар од Кокинакис.
На прес-конференцијата по мечот, новинарите ги интересираше што мисли за Новак Ѓоковиќ.

– Не знам, некако сум уморен од тоа. Минатата недела откако ја доби првата пресуда и можеше да добие виза и да тренира. Реков дека Судот си го кажа своето. Друга работа е што лично мислам јас за целата ситуација. Идеалната ситуација со спортот е најдобрите спортисти да се натпреварувањаат на најголемите турнири. На сите ќе им беше подобро доколку Новак беше тука и во тоа нема дилеми. Но, се случи нешто друго и не можам да кажам ништо бидејќи ситуацијата е јасна – изјави Надал.

Сигурен настап имаше и Денис Шаповалов кој со 3:1 во сетови го победи Ѓере, Алкараз му препушти само седум гема на Чилеанецот Табило, додека Монфилс загуби само пет гема од Кориа. Пласман во второто коло обезбедија и Качанов, Карено-Буста, Хуркач.

Во женска конкуренција, бранителката на трофејот, Наоми Осака со победа над Марија Осорио Серано од 6:3,6:3 го започна настапот во Мелбурн.

Осака во второто коло ќе игра против Медисон Бренгл од САД на која противничката Јастремска и го предаде мечот во третиот сет.

Осмата носителка Марија Сакари со 6:4,7:6 беше подобра од Татјана Марија, додека Белинда Бенчиќ во два сета ја совлада Младеновиќ.