Надал стана најстар тенисер кој ја завршил годината како број еден

4

Рафаел Надал се израмни со Роже Федерер и Новак Ѓоковиќ, откако петти пат во кариерата ја заврши годината како светски рекет број еден.

На крајот на сезоната, Шпанецот има 9.985 бодови, 840 повеќе од второрангираниот Ѓоковиќ, додека Федерер е трет со 6.590. Зад големата тројка се Доминик Тим и Данил Медведев, додека Стефанос Циципас заврши на шестото место по синоќешниот триумф на АТП финалето во Лондон.

„Ова е важно постигнување. Имам убав музеј во мојата тениска академија и одлично е што ќе можам овој важен трофеј да го изложам таму“, изјави Надал, кој заврши како прв иако не успеа да се пласира во полуфиналето на завршниот турнир на сезоната.

Со 33 години, тој е и најстариот тенисер кој ја завршил годината како број еден на АТП-листата. Рекордер останува Пит Сампрас, кој шест пати го освојувал трофејот за број еден.