Над 19.000 компании побарале финансиска помош за исплата на плати

Повеќе од 19.000 компании досега поднеле барања до УЈП за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април и мај, во висина до 14.500 денари месечно по вработен. Како што информира на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши, во последните два месеца како резултат на последиците од корона вирусот врз економијата, Владата донесе мерки за поддршка на најпогодените компании, како и за најзагрозените граѓани.

22

„Мерките се фокусирани да ги дадат најдобрите резултати врз економијата, а тоа се потврдува и со големиот интерес на компаниите и на граѓаните за нивното користење. Заклучно со денеска, над 19.000 компании поднесоа барања за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и за мај, во износ до 14.500 денари месечно по вработен“, рече Бектеши.

Аплицирањето на компаниите за оваа мерка започна на 1 мај, а крајниот рок истекува утре, на 7 мај на полноќ и Владата очекува да се зголеми крајниот број на компании кои ќе аплицираат за средства.

Според последната одлука на Владата, работодавачите кои ќе користат мерка за субвенционирање за исплата на социјални придонеси, не смеат да го намалат бројот на вработени во април, и два месеца после престанувањето на мерката, односно до август, освен во оправдани случаи.

Бектеши ги посочи резултатите од објавените јавни повици за поддршка на стопанството, преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво, Програмата за енергетска ефикасност и Програмата за индустриска политика.

Тој најави дека Владата наскоро, по препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, ќе донесе одлука за отворање на кафетериите и рестораните, како и дека за угостителскиот сектор ќе следи нова поддршка, за што претходно се чекаат конкретни предлози и консултации од стопанските комори.