Над 9 илјади граѓани годишно ја напуштаат државата

8

Во земјава нема прецизни податоци, колку граѓани ја напуштаат на годишно ниво, ниту пак се знае нивниот профил. Но, според истражувањето на организацијата за економија „OECD“, бројките велат дека околу 9 000 до 9500 граѓани се отселуваат секоја година од државата. Најмногу од нив заминуваат во европските земји, а помалку во Америка и Австралија, велат во Агенцијата за иселеништво. Од таму објаснуваат дека бројот на иселени граѓани , според добиените статистики од странство се движи над половина милион луѓе.

Имаме во иселеништво државјани на РСМ, од прилика 500-600 илјади. Значи веќе тоа е проблем, кој според мене е доцна да работиме само на случајот за спречување на иселување и на младите, тој бреин дреин. Веќе треба да почнеме да размислуваме и да правиме реална стратегија , како да ги анимираме тие иселеници да ни помогнат и да ги користиме нивните капацитети кон државата, изјави Никола Шалваринов- директор на Агенција за иселеништво.
Главна причина за иселувањето е економскиот фактор . А, 48% од младите се изјасниле дека се иселиле за подобар живот , велат од Фондацијата за демократија на Вестминстер. Според нивните истражувања, со иселувањата, државата годишно губи стотици милиони евра, вложени во развојот на граѓаните и во нивното образование.

Околу 330 милиони евра потенцијален БДП годишно е она што го изнесуваат луѓето и околу 500 милиони евра-пари вложени во образованието. Тоа е она што се губи, вели Дамир Незири-Фондација за демократија на вестминстер.
Од Мрежата за спречување на одлив на мозоци велат дека има пропусти во имплементацијата на усвоената во 2013, Национална стратегија за вмрежување и соработка со високо образовниот кадар. Затоа бараат подобрување на мерките за вработување на младите.

Од една страна, поголеми вработувања на младите, од друга страна, намалување на стапката на невработеност. И од трета страна, да се гарантираат квалитетни работни места, рече Илија Станковски- Мрежа за спречување на одлив на мозоци.
Од МОН, решавањето на проблемот со иселувањето , го гледаат во реформите во средното стручно образование кои започнаа да се применуваат во оваа учебна година. А, од Агенцијата за иселеништво, очекуваат резултати од изготвената Национална стратегија за комуникација и соработка со дијаспората.