Наместо да плаќаат за тестови, најголeмиот дел од граѓани кои се невакцинирани одлучиле да одат во изолација

28

Одлучуваат да одат во домашна самоизолација, наместо да прават ПЦР или да се вакцинираат. Од почетокот на септември кога почнаа да се применуваат новите мерки на граничните премини до денес 2349 граѓани добиле решенија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат со кое се обврзани 7 дена да седат дома. Податоците се однесуваат за влез во земјава на сите гранични премини, но најмногу се од јужната граница.

-Граѓаните кои 5-от ден ќе направат ПЦР тест и ќе им биде негативен 6-от ден ќе бидат слободни за движење, контролата ја евидентира МВР. Нови решенија не се издаваат. Решенијата се единствени кои ги издава ДСЗИ и тие важат 7 дена, изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

Со негативниот тест после 5-от ден граѓаните треба да се пријават во полиција за да можат да излегуваат од дома.

Од друга страна мерките со кои без вакцина нема влез во угостителски објекти, настани и молови го зголемија опфатот на имунизација.

Според податоците од министерството за здравство со една доза вакцинирани се 44,6 % од полнолетното население во земјава. Од нив 29 % проценти се помеѓу 18 и 39 години.

Неготино, Кавадарци и Охрид со 63,62 и 61 отсто се градовите со најмногу вакцинирани, а во Гостивар, Дебар и Струмица вакцина примиле двојно помалку граѓани.