Наместо избор на нови членови, нов оглас за Комисијата за заштита од дискриминација

3

Мрежата за заштита од дисриминација упатува јавен повик до пратениците да ги образложат причините за поништувањето на огласот за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација.

„На седницата одржана на 12 декември, Собранието, без образложение на причините за поништување на огласот за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација, на нетранспарентен начин, одлучи повторно да го објави огласот. Собранието ниту еднаш, и покрај бројните пропусти при објавувањето на првиот оглас, не излезе со објаснување зошто граѓаните веќе четири месеци го немаат на располагање овој механизам за заштита на нивните права“ се вели во соопштение на коалицијата МАРГИНИ.
Оттаму апелираат до Собранието во најбрз можен рок и пред најавеното распуштање да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати. „Обврската составот на ова тело да го одразува составот на општеството во целина, не смее да остане само декларативна, туку реална цел на Собранието бидејќи во спротивно, ќе се компромитира целта на ова тело како гарант за еднаквоста на сите граѓани. Потребно е да се изберат професионални и независни кандидати и кандидати кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии. Притоа етничката припадност не смее да биде единствен критериум, особено нејзиното тесно разбирање како распределба на позициите помеѓу Македонците и Албанците. Неопходно е да се води сметка за родовата еднаквост и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници (Роми, лица со попреченост, ЛГБТИ и други)“, велат од МАРГИНИ.

Изборот на нов состав на Комисијата за заштита од дискриминација е една од точките што беше заглавена во собраниската Комисија за избори и именувања.