Наместо 40 проценти од плата, дел од здравствените работници добиле платежни картички со по 50 евра

57

Наместо награда од 40 проценти од последната нето плата, дел од здравствените работници добиле платежни картички за купување на домашни производи со по околу 50 евра. Шокирани се од сумите. За Телма велат дека е несериозно, некој да си игра со нивното достоинство, во ситуација кога тие се во првите борбени редови во справувањето со опасниот вирус. Според ветувањето на Владата дека околу 4.400 медицински лица ќе добијат 40 проценти од платата, а нивните плати се над просечните, очекувале дека ќе добијат најмалку по 200 евра.

Од Генералниот секретаријат на Владата знаат за проблемот. Генералниот секретар Рашковски за Телма вели дека имало проблем во списоците кои ги испратил Фондот за здравство.

„Имаше пропусти во списоците на Фондот за здравство, веќе се корегирани и лицата ќе си го добијат полниот износ- изјави Рашковски.

Од Фондот пак топката ја префрлија кај Здравствените установи. Велат погрешните подартоци ги добиле од нив, по што ги корегирале грешките.

Но, ова не е единствениот список во кој имало проблеми. Проблематичен бил и тој на Министерството за образование, откако јавно излезе дека пензионери се добитници на платежнин картички, а на списоците нема дел од редовните средношколци и студенти. Владата побарала од организиран криминал на МВР истрага за тоа кој ги вметнал лицата во списоците

„Станува збор за првите луѓе од средни училишта и факултети. Побаравме од МВР и обвинителство покренување на кривични пријави. Грешката е политичка – односно намерна, со цел да се оцрни целиот проект“- вели Рашковски.

Од образование пак немаате информација дека такво нешто се случило. Oд МВР вчера го добиле известувањето од Генералниот Секретаријат. Велат ќе постапуваат во наредните денови во кординација и по насоки н Јавното обвинителство..

До Владата стигнале над 50.000 приговори за платежните картички. Рашковски вели одговориле на нешто помалку од 30.000 мејлови. Но, до крајот на месецот ќе знаат колку лица дополнително ќе добијат платежни картички со износ од 3.000 или 9.000 денари, зошто не се на листата, а ги исполнуваат условите.

37.000 жалби и пристигнале и за ваучерите за домашен туризам. Од министерството за економија велат ги разгледуваат приговорите и граѓаните кои ги исполнуваат условите, а не добиле – ваучерите ќе ги добијат до 15 јули.

Вицепремиерката пак Царовска, нема информации колку приговори до сега се обработени. Но, откако на социјалните мрежи голем дел студенти и средношколци објавија дека сакаа да ги донираат платежните картички но не знаат како, Царовска објасни дека не е можно персонализираните картички да се префрлат на друго име.

„Може секој да се откаже од нив во самата информација која што ја добивате на својот телефонски уред може да притиснете копче на кое може да ги вратите финансиските средства кон Буџетот. „- обајсни Царовска.

Поделбата на 325 илјади платежни картички наменети за помош на 4 категории граѓани, освен што направи хаос со списоците, создаде и метеж пред банките.