НАСА: Следува период на поплави

16

Ниско позиционираните подрачја кои се наоѓаат во близина на морињата се повеќе се изложени на ризици од поплави, а оваа појава ќе се влошува уште повеќе во иднина, предупредуваат научниците на НАСА. Работејќи на истражувања за гравитациската привлечност на месечината, порастот на нивото на морињата и климатските промени,научниците се речиси повеќе од сигурни дека сето ова се движи во насока која неминовно ќе предизвика уште посилни поплави на Американското крајбрежје но и ширум светот, цени Бил Нелсон, раководител на НАСА.

– Кога Месечината, Земјата и Сонцето меѓусебно ќе се најдат во одреден однос, нивното гравитационо привлекување, делува врз океаните при што крајбрежните градови наскоро би можеле да се соочат со поплави кои ќе се случуват секој втор ден, наведува Нелсон.

Ваквата состојба се очекува да почне да се манифестира за десетина години, поради циклусот на Месечината но и поради порастот на нивото на морињата.

За обичниот човек и натаму неодгатлив е до крај феноменот за влијанието на месечевите мени врз нивото на морињата.

Но, еве на што всушност се должи оваа појава. Месечината на секои 18,6 години поминува низ циклус на мала промена на орбитата што се нарекува мирување на Месечината, а како појава прв пат е регистрирна во 1728 година.

Месечината секојдневно влијае на појавата на плима и на осека, но влијанието на нејзината гравитациона сила не е секоја година еднаква бидејќи во временскиот интервал од 18,6 години ја менува орбитата а со тоа и својата положба во однос на Земјата.

Во првата половина на овој циклус, Месечината предизвикува плима која е пониска од просекот и осека која е поголема, а во втората половина плимата се зголемува а осеката се намалува.

Со оглед на глобалниот пораст на нивоата на морињата, плимите стануваат се поголеми и затоа во следниот период ќе има се поголеми проблеми со поплавите, предупредуваат научниците на НАСА. Кулминацијата би се случила кон средината на 2030-та година кога заедно со глобалниот пораст на нивото на морето, брановите при плима би ги загрозиле сите крајбрежни места, сметаат од НАСА.