Наташа Пирц Мусар стапи на функцијата претседател на Словенија

4

 

Наташа Пирц Мусар (54) денеска на свечена церемонија во претседателската палата ја презеде должноста петти претседател на Словенија.

Во придружба на нејзиниот сопруг, како врховен командант на словенечките вооружени сили таа изврши смотра на почесната гарда. По цврениот тепих таа  дојде до палатата, каде нејзиниот претходник Борут Пахор кој десет години ја вршеше претседателската функција ја чекаше со букет цвеќе.

Претседателката Мусар вчера на церемонија во Националното собрание положи заклетва и вети дека ќе продолжи да се бори за човековите права и владеењето на правото.

Улогата на претседателот во Словенија е главно церемонијална, а претседателот според Уставот е и шеф на државата и врховен командант на словенечките вооружени сили.

Пирц Мусар, која по професија е адвокат, беше избрана за претседателка во вториот круг на 13 ноември откако го победи поранешниот министер за надворешни работи Анже Логар со освоени повеќе од 50 отсто од гласовите.