НАТО ќе интервенира на Косово ако ескалираат тензиите

0

НАТО ќе ги зајакне мировните сили подготвени да реагираат на Косово доколку дојде до ескалација на тензиите со соседна Србија, изјави вчера генералниот секретар на западната воена алијанса во пресрет на преговорите меѓу Белград и Приштина, организирани од Европската Унија.

Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Аљбин Курти, денеска ќе учествуваат на преговорите во Брисел со цел да се спречи, како што ја нарече Приштина, заканата од нов оружен конфликт, но етничките Срби и Албанци на Косово немаат големи надежи за напредок.

Долгогодишните тензии повторно се зголемија овој месец откако Приштина им нареди на Србите што живеат во северниот дел на Косово – кои се поддржани од Белград и кои не ги признаваат косовските институции – да почнат да користат регистарски таблички издадени од косовските власти.

Под притисок на Западот, Курти се согласи да ги одложи прописите за регистарските таблички до 1 септември.

Коментирајќи ги денешните разговори, Вучиќ рече дека ќе бидат тешки бидејќи двете страни не се согласуваат речиси за ништо. Претседателот на Србија посочи дека неговата земја сака да избегне каква било ескалација на ситуацијата, но дека е важно да се разбере дека има „нова генерација млади луѓе“ што го сметаат Косово за српска територија и кои повеќе нема да „трпат терор“.

Курти, кој подоцна се сретна со Столтенберг, ја истакна решеноста на Косово да стане членка на НАТО.

„Заканите, ризиците и предизвиците со кои се соочува НАТО во сегашното безбедносно опкружување се чувствуваат и кај нас“, рече тој, поврзувајќи ги проблемите со влијанието на Русија. „Во сегашната ситуација, институциите и граѓаните на Косово имаат причина да внимаваат поради деструктивниот пристап на нашиот северен сосед кон Косово и кон регионот воопшто под руската деструктивна агенда за Европа и за Балканот.“

Столтеберг по разговорот со Вучиќ во Брисел повика на смиреност и порача дека 3.700-те припадници на мировните сили на алијансата на Косово се подготвени да интервенираат доколку се загрози стабилноста.

„Иако ситуацијата на теренот е подобрена, сите страни – особено официјалните лица од Белград и Приштина – имаат одговорност да спречат понатамошна ескалација“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со Вучиќ.

„Ги повикувам двете страни да покажат воздржаност и да избегнуваат насилство. НАТО продолжува внимателно да ја следи ситуацијата на теренот. Нашата мировна мисија КФОР останува фокусирана на мандатот што го доби од ОН. Ако стабилноста е загрозена, КФОР е подготвен да интервенира“, рече тој.

„Веќе имаме значајна мисија, военото присуство на Косово е речиси 4.000 војници. Доколку е потребно, ќе ги придвижиме силите, ќе ги распоредиме таму каде што е потребно и ќе го зголемиме нашето присуство. Веќе го зголемивме нашето присуство на северот. Подготвени сме за повеќе“, рече шефот на НАТО.

Жителите на Косово немаат големи очекувања во пресрет на денешните разговори, посочува агенцијата Ројтерс. „Јас не очекувам ништо утре и ниту еден од нив двајца нема да реши ништо. Тензиите меѓу Косово и Србија се неизбежни во иднина“, изјави за Ројтерс Малуш Бајрај, 41-годишен жител на Приштина.

Слично е расположението и кај етничките Срби, кои претставуваат пет отсто од вкупно 1,8 милиони жители на Косово.

„Не сум оптимист дека оваа рунда преговори ќе биде успешна“, изјави за Ројтерс Ненад Радосављевиќ, главен уредник на РТВ Мир, која емитува програма за Србите што живеат на северот на Косово. Радосављевиќ рече дека не очекува ништо од преговорите бидејќи од двата главни града доаѓаат лоши пораки.

Денешните разговори треба да опфатат повеќе теми, вклучително и поголема автономија за општините на северот на Косово каде што живеат Срби. Курти рече дека таквиот потег би бил спротивен на уставот на Косово.

Радосављевиќ смета дека само отстапката на Курти за прашањето за поголема автономија на областите каде што живеат мнозинство Срби може да го деблокира прашањето за регистарските таблички.

„Се занимавав со доволен број балкански проблеми за да знам дека секогаш постои опасност од ескалација на тензиите“, изјави за Ројтерс американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил.

Сепак, британската агенција посочува дека на Косово не е сѐ така мрачно и како светол пример го наведува случајот со Албанецот Ментор Гаши и Србинот Славиша Стојановиќ, кои во последните десет години заедно раководат прифатилиште за кучиња во близина на Приштина.

„Никогаш немавме проблеми, нашите семејства се посетуваат меѓусебно. Никогаш не сме имале несогласувања околу политиката“, рече Стојановиќ, стоејќи до Гаши.