Националната авиокомпанија на Црна Гора воведува билети по промотивни цени на линиите на Ер Монтенегро

17

 

Националната авиокомпанија на Црна Гора „Ер Монтенегро“ подготви специјални цени за патување годинава, јави црногорската агенција МИНА.

„Промотивната продажба е од 16 до 30 јануари, а во овој период цената на билет во еден правец на линиите Тиват-Белград и Подгорица-Белград ќе биде 49 евра. Билетите од Подгорица и Тиват до Истанбул може да се купат по 109 евра во еден правец, а летовите од Подгорица до Љубљана се достапни за 69 евра“, се вели во соопштението на компанијата.

До крајот на јануари, како дел од промотивната понуда, Ер Монтенегро на своите клиенти ќе им понуди пониски цени за летови и до Прага, Цирих, Бања Лука, Лион, Нант, Париз, Братислава, Брно и Копенхаген.

„Голем број граѓани планираат патувања на почетокот на годината, поради што обезбедивме многу поволни цени за авио-билетите до нашите дестинации. Веруваме дека ова ќе биде дополнителен мотив за нив да ги резервираат своите летови сега и да ја направат оваа година-година на патување“, велат од црногорската национална авиокомпанија.

Билетите купени за време на промотивниот период може да се користат за патување од 16 февруари до 30 септември годинава, во цената се вклучени сите такси, рачен багаж од осум килограми и дополнителен багаж до 23 килограми.