Национална комисија за учебници: Законска обврска на комисијата е разгледување на стручните мислења доставени од рецензентски комисии и Бирото за развој на образование или Центарот за средно стручно образование, а не стручно вреднување на учебниците

8

 

 

Националната комисија за учебници, работи во состав од 17 члена, кои имаат задача да ги разгледаат стручните мислења од надлежните тела и по нив да донесат одлука за добиена највисока оценка за доставен ракопис за учебник во конкретна област, коешто е воедно и одлука за избор на текст на учебник кој ќе се печати и ќе се употребува во основното или во средното и стручно образование. Националната комисија за учебници не ги анализира текстовите на предлог-учебниците. Комисијата, согласно со законот, е формирана и има обврска да ги разгледува и да одлучи дали доставените стручни мислења од рецензентските комисии и Бирото за развој на образование (БРО) или Центарот за средно стручно образование (ЦССО) по доставените ракописи за учебници ќе го прифати или нема да го прифати. Според Законот за учебници не е предвидено Националната комисија да има членови од сите поединечни области од предметите што се изучуваат во основните и средните училишта. Оттука, во својот состав комисијата нема експерти по сите научни области за директно да ги разгледува пристигнатите ракописи за учебниците по разни научни области. А и да има, тоа не е нејзина надлежност и обврска, туку на наменски формирани рецензентски комисии и на БРО или ЦССО.

Имено, стручноста и експертизата за различни области ја имаат рецензентските комисии кои се формираат одделно за секој учебник, од членови кои се компетентни во конкретната научната област од која е учебникот, како што се математика, географија, историја, козметологија, биологија итн. Повикот за рецензенти се објавува од Педагошката служба, кои по извршен избор сочинуваат листа на избрани рецензенти од различни области и го доставуваат до Националната комисија. Од оваа листа, се формираат рецензентски комисии во состав од по три члена и тоа претседател на комисијата од редовите на универзитетските професори од наставничките факултети за наставниот предмет за кој е наменет учебникот и двајца рецензенти наставници од основно, односно од средно училиште за наставниот предмет за кој е наменет учебникот. По објавен конкурс од Педагошката служба за учебник по конкретен предмет, авторите ги доставуваат анонимно своите трудови – ракописи за учебници на разгледување до рецензентските комисии. Задача на рецензентска комисија е да ги проучи, разгледа и стручно да ги вреднува ракописите за учебници кои пристигнале согласно со Методологијата за вреднување на учебници, по што нивното стручно мислење го доставуваат на натамошно одлучување во Националната комисија за учебници.

Напоменуваме дека Законот за учебници во член 16 став 2 наведува дека рецензентската комисија е одговорна за настанатата штета во случај учебникот да биде повлечен од употреба поради сериозни и очигледни грешки во стручното вреднување на ракописот за учебник.

Во случајот со ракописот по предметот Историја и општество за V одд. мислењата коишто во Националната комисија за учебници пристигнаа од БРО и од рецензентската комисија беа позитивни, но со листа на забелешки и сугестии, коишто треба да бидат внесени од страна на авторите пред да се печати учебникот.

Врз основа на добиените мислења за ракописот од БРО и рецензентската комисија, членот известител од Националната комисија на седницата одржана на 6.9.2022 достави негативно мислење и наведе дека ракописот не ги исполнува условите за учебник и не се препорачува за печатење. Беше предложено ракописот да биде вратен на повторно разгледување на авторите и во целост да се извршат корекции согласно со дадените забелешки. По тоа во Националната комисија пристигнаа позитивни мислења за ракописот на учебникот од страна на БРО и на рецензентската комисија, во коишто јасно е наведено дека во целост се извршени корекциите по забелешките и со кои беше предложено учебникот да биде печатен. По добивање на позитивните мислења со препорака за печатење на учебникот и водејќи се од нив, Националната комисија на седница на 27.10.2022 година донесе одлука за прифаќање на ракописот, односно за одобрување и употреба на учебникот.

Истакнуваме дека Националната комисија во текот на целокупното свое работење откако е формирана во март 2022 па сѐ до сега исклучиво работи во рамките на законските надлежности. Националната комисија ќе продолжи, како и до сега, да работи совесно и според Законот, а пред сѐ во интерес на учениците и нивното квалитетно образование.