Најголема инфлација во Италија за 30 години: Достигнала 7 проценти, речиси едно од шест лица не е во состојба да плати сметки

17

Инфлацијата во Италија достигнала седум проценти, што не се случило од 1991-ва година, објавил Италијанскиот институт за статистика.

Италијанскиот институт за статистика објавил податоци кои покажуваат дека цените пораснале за 1,2 проценти на месечно ниво, а седум проценти на годишно, па инфлацијата која веќе девети месец по ред расте, во март достигнала речиси седум проценти.

Цените на дизелот за превозните средства за зголемиле за 38,3 проценти, бензинот за 31 процент, за греење 37,4 проценти, а останатите горива за 45 проценти.

Електричната енергија пораснала за 65,6 проценти, а цените на природниот гас пораснала за 4,6 проценти во однос на февруари. Цените на бензинот повторно пораснале и во средата бележеле цена над две евра.

Пораснале и цените на прехранбените производи и тоа за 5,8 проценти.

Италијанското здружение за заштита на потрошувачите “Кодаконс” смета дека е ова зголемување на цените е “вистинска трагедија” и дека тоа ќе ги чини италијанските семејства 2.674 евра повеќе на годишно ниво, додека само за храна семејствата ќе мора да издвојат најмалку уште 434 евра на годишно ниво.

Зголемувањето на цената на гасот и струјата довеле до тоа италијанските семејства да се најдат во потешкотии кога станува збор за плаќање на сметки.

Речиси едно од шест лица не е во состојба да ги плати сметките, односно 15,44 проценти од Италијанците не платиле сметки во вредност од 26 милиони евра.

„Проблемот е што луѓето не се во состојба веднаш да видат колку се зголемиле цените, па така повторното зголемување од март ќе биде видливо за месец или два. Имено, сметките ќе бидат повисоки за 10 проценти од оние во декември и многу потрошувачи се уште немаат перцепција за тоа, бидејќи тоа моментално не е видливо, како на пример, на бензинските станици“ , изјавил за “Sole 24 ore” Диего Пелегрино од Здружението за заштита на потрошувачи.

„Не знаеме какви ќе бидат последиците за граѓаните. Ваква ситуација немаше ни за време на ковид, вакво нешто се уште не сме доживеале, многу граѓани ќе плаќаат на рати“, вели Пелегрино.

Ситуацијата не е многу поразлична во останатите земји од ЕУ. Инфлацијата во Германија е 7.3 проценти, во Шпанија речиси 10 проценти, а во Франција 5,1 процент.