Најголема финансиска заплена досега на 94.000 биткоини кои вредат 3,6 милијарди долари

3

Министерството за правда на САД во вторникот објави дека запленило повеќе од 94.000 биткоини украдени во 2016 година, кои денес вредат 3,6 милијарди долари.

Двојка обвинета за обид за перење биткоини е уапсена во Њујорк, се вели во соопштението.

Илја Лихтенштајн (34) и неговата сопруга Хедер Морган (31) ќе се појават пред судот во текот на денешниот ден за да се соочат со обвиненијата, пренесе АФП, а им се заканува затворска казна до 20 години.

Лихтенштајн и Морган наводно се обиделе да исперат вкупно 119.754 биткоини вредни 65 милиони долари во моментот кога биле украдени во 2016 година од виртуелната менувачница „Битфинекс“.

-Апсењата, кои се роследени со најголема финансиска заплена досега, покажуваат дека криптовалутите не се безбедно засолниште за криминалците, рече заменик-државниот обвинител Лиза Монако.

Обвинителството тврди дека дел од украдените криптовалути биле испратени во дигитален паричник под контрола на Лихтенштајн, кој на социјалните мрежи се опишува како „технолошки претприемач, автор на кодови и инвеститор“.