Најголемиот скандал во историјата на Оскарите – Вил Смит му удри шлаканица на Крис Рок(ВИДЕО)

5

Вил Смит му удри шамар на Крис Рок на сцената, засенувајќи го историскиот триумф на „КОДА“ на 94. доделување Оскари. Смит се качи на сцената откако Рок кажа шега за кратката „војничка“ фризура на неговата сопруга Џејда Пинкет-Смит, го удри и потоа се врати на своето место во публиката.

„Џејда, едвај чекам да го гледам ‘Џи Ај Џејн 2‘“, кажа Рок пред инцидентот, за кој во прв момент се мислеше дека е дел од сценариото.

 

Сепак, откако седна, Смит продолжи да му вика на Рок: „Прекини да го спомнуваш името на жена ми“.

„КОДА“ стана првиот филм од стриминг сервисите кој освоил Оскар за најдобар филм (Фото: АП)

Тој подоцна се извини кога го примаше Оскарот за најдобар актер за „Кралот Ричард“, каде што го игра таткото на тениските ѕвезди Серена и Венус Вилијамс.

„Сакам да ѝ се извинам на Академијата, сакам да им се извинам на моите номинирани колеги. Уметноста го имитира животот. Личев на луд татко, токму она што го зборуваа за Ричард Вилијамс. Но, љубовта те тера да правиш луди работи“, изјави Смит.

Неговата сопруга во минатото зборуваше за губењето на косата поради алопеција.

„КОДА“, а не фаворизираниот „Моќта на кучето“ на „Нетфликс“ стана првиот филм од стриминг сервисите кој освоил Оскар за најдобар филм. Комичната драма, која беше дистрибуирана од „Епл ТВ+“, имаше само три номинации, со што стана првиот филм во последните 90 години кој ја освоил главната награда откако бил номиниран во помалку од четири категории. „КОДА“ беше награден и за адаптирано сценарио и за споредна машка улога, при што Трој Коцур е првиот глув машки актер кој освоил Оскар, одржувајќи емотивен говор на знаковен јазик.

Од 12-те номинации, „Моќта на кучето“ на крајот освои само еден Оскар – Џејн Кемпион за најдобра режија. Џесика Честејн („Очите на Тами Феј“) е најдобра актерка, а Аријана Дебоуз („Приказна од западната страна“) славеше во споредна женска улога.

Јапонскиот „Вози го мојот автомобил“ очекувано се закити со Оскарот за најдобар странски филм. Севкупно, најмногу оскари освои „Дина“ – шест, сите во технички категории.