Најмалку 11 мртви во пукање во училиште во Русија (ВИДЕО)

7

Утрово се случи напад во училиште во рускиот град Казан, во кој загинаа најмалку десет ученици и еден наставник, објави руската државна агенција РИА Новости, повикувајќи се на локалните служби за итни случаи.

За еден од двајцата напаѓачи се вели дека е приведен и идентификуван како 17-годишно момче. За другиот прво беше јавено дека сѐ уште држи заложници во зградата, но локални извори велат дека тој веќе е убиен, пренесе РТ.

Почнаа да се појавуваат и снимки на кои на децата им се лекуваат повредите во дворот пред Училиштето бр. 175 во рускиот град, со информации дека учениците и наставниците сè уште се евакуираат од локацијата. ТАСС вели дека некои скокале преку прозорците за да избегаат од пукањето.

Локалните власти соопштија дека некои деца биле евакуирани од училиштето, но други сепак останале во зградата. Властите соопштија дека се воведени дополнителни безбедносни мерки во сите училишта во Казан, главниот град на рускиот регион Татарстан, околу 700 километри источно од Москва.

Претседателот на Татарстан Рустам Миниханов утрово пристигна на местото, разговарајќи со полицајците пред училиштето. Потоа тој им изјави на новинарите дека најмалку четири момчиња и три девојчиња се убиени во инцидентот и дека полицајците ја обезбедиле зградата.

Иако пукањата во училиште се релативно ретки во Русија, во последните години имаше неколку насилни напади врз училишта, главно извршени од ученици.

Видеото погледнете го тука.