Најмалку 20 лица повредени по протестите во Белград, запалени полициски возила, превртени контејнери, скршени знаци и излози

40

Најмалку 20 лица повредени по протестите во Белград, запалени полициски возила, превртени контејнери, скршени знаци и излози

Утрово се сумираа штетите од вчерашните масовни протести низ улиците на Белград, по повод најавата на претседателот Александар Вучиќ за враќање на рестриктивните мерки, меѓу кои и полицискиот час од петок, со што Србија ќе биде првата земја после првиот бран во кој повторно ќе има рестрикција во однос на движењето.

Низ улиците излегоа десетина илјади луѓе, а епилогот се повредени 20 лица, меѓу кои 13 полицајци, и 7 цивили, јавува РТС, потпирајќи се на официјална изјава од Брзата помош.

Низ Белград утрово се забележуваа три запалени полициски возила, неколку контејнери, искршени сообраќајни знаци и семафори, камења, искршени излози.

Властите го осудија нападот. Премиерката Ана Брнабиќ истакна осуда за политичарите кои стојат зад вандалскиот чин.

Се очекува денеска реакција и од претседателот Александар Вучиќ.

Протестите беа организирани пред Собранието, каде што имаше и упад во Парламентот на Србија, а се проширија и низ други делови од градот, односно пред зградата на националната телевизија РТС.

Протести, но со помал интензитет и без поголеми проблеми имаше и во Нови Сад.