Најнова информација: Симптомите на корона вирус се покажуваат за пет дена

16

Епидемијата на корона вирусот се шири, па навременото и точно информирање е од голема важност, како и почитувањето на сите мерки и препораки од здравствените власти.

Треба да поминат во просек пет дена за да се покажат првите симптоми на корона вирусот Covid-19, потврдија научниците.

Токму затоа се советуваат луѓето кои би можеле да се заразени, без разлика дали имаат симптоми или не, да се самоизолираат 14 дена.

Оние кај кои нема да се покажат симптоми до 12-тиот ден од потенцијалниот контакт со вирусот, најверојатно нема да покажат симптоми, но уште може да бидат преносители на вирусот.

Состојбата кај нас и во светот

Заклучно со вчерашниот ден, 9 март, повеќе од 110.000 луѓе се заразени во повеќе од 80 земји. Ширум светот има над 3.800 смртни случаи од корона вирусот, од кои околу 3.000 се во Кина, од каде почна ширењето на епидемијата. Околу 62.000 луѓе се излечени од Covid-19.

Во земјава се регистрирани вкупно седум случаи на корона вирус, откако вчера присуството на Covid-19 беше регистрирано кај директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Билјановска, а подоцна Министерството за здравство информира дека од осумте тестирани пациенти вчера попладне, тројцата членови на семејството на сопружниците од дебарско се позитивни.

Во домашна изолација се 64 здравствени работници од Клиниката за кожни болести и 24 пациенти од кои 11 биле хоспитализирани на Клиниката, а 13 се лекувале во Дневната болница. Клиниката ќе биде затворена 14 дена, а директорката ќе биде суспендирана, бидејќи не се пријавила кај службите дека се вратила од Италија. Се чекаат резултати од тестирање на коронавирусот за осум лица, кои немаат поврзаност со заболената директорка, истакна вчера министерот за здравство Венко Филипче.