На банките сепак им е важен и профитот – решија да наплаќаат камати на „корона кризата“

Финансискиот товар врз граѓаните иако привремено ќе им се олесни со мерките за одложување на исплатата на кредитите на 6 месеци, потоа ќе се зголеми, бидејќи каматите за долгот нема да им бидат отпишани. Сумата граѓаните ќе треба да ја подмират по престанокот на грејс периодот.

7

Одложувањето на плаќањето на кредитите на шест месеци за граѓаните нема да биде бесплатно, туку ќе ги чини пари, доколку донесат одлука да ја искористат можноста која им ја нудат банките поради новонастанатата ситуација со коронавирусот. Финансискиот товар иако привремено ќе им се олесни на граѓаните, потоа ќе се зголеми, бидејќи банките за време на грејс периодот нема да ја отпишуваат каматата на кредитите туку ќе им ја наплатат откако тие ќе започнат со редовно подмирување на нивните долгови.

Банката ќе ја пресметува каматата по каматна стапка предвидена во договорот за кредит. На пример ако еден граѓанин има станбен кредит со месечна рата од 12 илјади денари, а 4000 денари од тие пари одат на камата во тој случај на банката ќе треба да и се исплатат дополнителни 24 илјади денари. Сумата ќе биде додадена на останатите рати од кредитот.

„Мислам дека ова не е добро решение затоа што ќе ги оптовари граѓаните со камата. Подобро би било и во тој грејс период да не се пресметува камата, односно решението да биде да има целосно запирање на кредитиниот процес на одредено време, односно граѓаните да не ги враќаат кредитите во тој период, но во тој период да не се пресметуваат и каматите“, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ за Слободна Европа