На Боки нема кој да му носи ручек во Шутка

4

Првообвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски на крајот од судското рочиште денеска уште еднаш побара од судот да донесе, како што рече „хумана и праведна одлука“ и да му ја замени мерката притвор која ја издржува во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари со домашен притвор поради неговата здравствена состојба.

Тој и објасни на судијката Васка Николовска Маевска дека поради препораките на лекарите да се придржува до диететски режим во својата исхрана за неколку дена ќе нема кој да му носи храна во затворот затоа што неговиот татко ќе оди на операција, а мајка му секој ден била на работа.

Апелацискиот суд претходно ја отфрли жалбата на Јовановски и неговата гаранција од 143.000 евра која ја понуди за да излезе од притвор.

Боки 13, освен гаранцијата во имот, приложи и медицинска документација за чир на желудник, за да излезе од притвор. Во гаранцијата спаѓаат куќата на негов прв братучед и деловен простор во истата куќа во сопственост на неговата мајка.

Катица Јанева и Зоран Милевски одамна се во домашен притвор, а адвокатот на Боки Сашо Дуковски неколку пати досега предупредуваше дека неговиот клиент е во многу полоша здравствена состојба, отколку другите двајца вмешани во „Рекет“.