На владата ѝ се брза, законот со кој се зголемува еколошката такса доби европско знаменце

1

Измените на Законот за животна средина со кои е зголемува еколошката такса за горивата на 3,5 денари е доставен до Собранието.

Владата ги означи овие измени со европско знаменце и бара тие да се донесат по скратена постапка. Според најавите новиот износ на еколошката такса за горивата требаше да почне да се наплаќа од 1 јули. Но, предложените измени на Законот сѐ уште не се распоредени на дневен ред на седница на Собрание.

Предложено е зголемување на еколошката такса за увоз на нафтените деривати за 3,5 денари за моторен бензин со содржина на олово повисока од 0,013 г/л и за авионски бензин, гориво за дизел мотори, екстралесно масло за горење и масло за горење М1, М2 (мазут), како и зголемување од 3,1 денар за моторниот безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 г/л како помалку загадувачки нафтен дериват во однос на останатите предвидени деривати.

Повисокиот износ на еколошката такса предизвика реакции во бизнис заедницата и кај граѓаните, а опозициските партии најавија дека ќе го блокираат донесувањето на овие измени на законот.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира донесувањето на овие измени на законот, а ќе реагира и поради неговото означување со европско знаменце кај сите релевантни меѓународни институции, кај претставниците на Европската комисија и амбасадите.

Блокада на Законот најави и Алијанса-Алтернатива, а преку соопштение на неговото носење се спротивстави и партијата Левица.

Владата го правда новиот износ на давачката за горивата со фактот дека престанува примената на повисоката акциза за горивата донесена лани во време на пандемија. Собраните околу 55 милиони евра, како што е најавено, ќе се собираат во еколошки фонд од кој ќе се инвестира во енергетски капацитети кои користат обновливи извори и ќе се решаваат разни еколошки проблеми.