На Инфективна клиника речиси нема место за нови пациенти, вели директорката Стевановиќ

40

На Инфективната клиника во моментов се лекуваат вкупно 95 пациенти со ковид-19 со што речиси е исполнет максималниот болнички капацитет, рече директорката на клиниката Милена Стевановиќ во вечерашното гостување на Телма.

Според неа, во функција ќе мора да се стави и монтажната болница која веќе е подготвена за прием на пациенти.

„Последните денови се примаат од 13 до 14 пациенти, а иако истовремено се испишуваат и пациенти кои се оздравени, тој сооднос не е таков за да не се предвиди дека за многу кратко време капацитетот на Клиниката ќе биде целосно пополнет и ќе мора во функција да се стави монтажната болница“, рече Стевановиќ.

Според неа, непочитувањето на превентивните мерки за заштита од ковид-19 од страна на граѓаните и нивното опуштање во однесувањето, сега е пресликано во бројките на новоинфицирани со корнавирусот.

„Неприфалтиво е во оваа ера кога светот гори од ковид-19, да биде неопходна закана од казнена мерка за некој човек да преземе едноставни мерки за да се заштити себеси и своите блиски. Навистина тоа не ми е прифатливо“, додаде Стевановиќ.

Во врска со бројот на починати со ковид-19, Стевановиќ вели причините се повеќеслојни и комплексни.

„Од луѓето кои ја губат битката со ковид-19, 72 отсто се со опасни коморбидитети и тоа по два коморбодитети – висок крвен притисок, шеќерна болест, срцеви заболувања, хематолошки болести“, рече Стевановиќ и додаде дека лицата кои починуваат доаѓаат предоцна во болница.

Според неа, над 50 процени од болните одат на лекар најмалку седум, па дури и до десет дена по почетокот на заболувањето, кога веќе имаат тешка болест со развиени тешки симптоми и последици и кога грижата за нив е исклучително тешка и сложена.

Во моментов во болнички капацитети низ целата земја се лекуваат вкупно 426 пациенти со ковид-19.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се четворица пациенти, а вкупно се хоспитализирани 95 пациенти. На кислородна поддршка се 54 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле хоспитализирани се шест деца и шест мајки позитивни на ковид-19, додека пак три деца и три мајки суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ денеска нема нови приеми, а вкупно хоспитализирани се 44 пациент. На респиратор се двајца пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 32, а во болницата во Штип се 49 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 194, позитивни и сомнителни на ковид-19.