На кампот не се случило сексуално образование, туку сексуално вознемирување, вели Јовановски

1

Скандалот со извидничкиот камп организиран во близина на Скопје, насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол” не престанува да ја бранува јавноста. Целата таа ситуација веќе е во рацете на надлежните институции, но сега се поставува прашањето колкава штета ќе предизвика ова на обидите за воведување на сексуалното образование за младите од страна на обучени кадри за оваа тематика. На оваа тема во Утрински брифинг зборуваше Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА, организација која се занимава со поддршка на образованието, работи на полето на сексуалното образование за млади, превенција од ХИВ, последиците и справувањето со родово насилство, како и здравствената состојба кај ромската популација.

„Ние како општество ретко извлекуваме поуки од вакви ситуации. Штетите несомнено ќе бидат големи, веројатно најмногу за извдидниците. И ние сега на некој начин се обидуваме да ги стопираме нашите активности поради целата оваа работа. Треба да помине време за да се заборави сето ова, иако треба да излезат институциите и да видат што треба да се прави понатаму“, вели Јовановски од ХЕРА.

Тој вели дека самото неформално сексуално образование има поинаков пристап.

Пред сѐ треба да се обезбеди безбедна средина за младите. ХЕРА имаат практика да бараат согласност од родител за нивните работилници на вакви теми.

„Она што се случило за време на кампот не е сексуално образование туку сексуално вознемирување“, вели Јовановски и додава дека проблемот е и во медиумите кои користат погрешна терминологија.

Оттука се поставува прашањето како ХЕРА и другите организации кои се занимаваат со сексуално образование ќе се престројат во оваа ситуација.

„Тајмингот не е добар, ние со БРО и МОН работиме пилот со ССО и се соочуваме со можност за неефикасна имплементација. Може да очекуваме дел од децата да бидат повлечени од страна на родителите. Институциите треба да преземат нешто, а притоа мислам на целиот систем, образовниот и Министерството за социјална пололитика за ова во иднина да се превенира“, вели Јовановски.

Македонија е конзервативно општество. Младите не разговараат со родителите на овие теми, но се многу добро информирани преку други извори кои не секогаш се соодветни.

„Затоа една од нашите препораки е да има сеопфатно сексуално образование во училиштата, за младите да стекнат информации преку образовниот систем кој ќе ја намали потребата од добивање информации од погрешни извори. Освен тоа, на тој начин неформална форма на сексуална едукација сама по себе ќе згасне“, вели Јовановски.

ХЕРА соработува со Министерството за образование и наука со своите проекти за сексуално образование за млади.

„Најчесто работиме во средни училишта или на отворени конкурси. Склучуваме соработка со училиштата со програма во која сѐ е наведено и бараме одобрение од родителите за посета на овие програми оти станува збор за малолетни деца. Потоа во период од два месеца се спроведува програмата на сексуално образование. Неформалната едукација ја одржуваме преку конкурси, но само со одобрение од родител. Програмата секако ја прилагодуваме според возраста на децата“, потенцира Јовановски.

По скандалот што ја разбранува јавноста, а не е единствен бидејќи ни се случи и „Јавна соба“, несомнено дека се појавува потреба од преструктуирање на сите граѓански организации што се занимаваат со оваа проблематика.

„Реакциите на„Јавна соба“ и она што се случувало на извидничкиот камп се знак за зголемена свест, на идентификација што е сексуално вознемирување, навлегување во интимната сфера. Престорјување не знам како би се случило, но веројатно ќе треба да се работи повнимателно со сопствена политика за заштита на деца и млади со цел да се сочува бебедната средина како што впрочем правиме и ние“, вели Јовановски од ХЕРА .

Случајот го објави „Слободен печат”, во чија редакција се обратил родител, а според неговите тврдења на кампот во близина во Скопје имало непримерни активности во кои малолетници меѓу другото ги боеле своите полови органи и оставале отпечатоци од нив на хамер и симулирале секс позиции, под превезот на сексуална едукација.

Тој сведочел дека неговата малолетна ќерка на кампот, кој се одржал изминатиот викенд доживеала шок и трауми на извидничкиот камп организиран во близина на Скопје, насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол”.

За случајот реагираше ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација, која апелира за итно постапување на институциите по допрен глас и за целосно расветлување и разрешување на случајот поврзан со извидничкиот настан.

За расветлување на овој случај се вклучени и МВР и Обвинителството.