На кафе, во молови и во обложувалници само со сертификат

10

Владата ги заостри мерките за заштита од Ковид-19. Од денеска во угостителските објекти, кафулињата и баровите ќе може да влезат само оние коишто се вакцинирани, или пак прележале Ковид-19.

Владата ги заостри мерките за заштита од Ковид-19. Од денеска во угостителските објекти, кафулињата и баровите ќе може да влезат само они коишто се вакцинирани, или пак прележале Ковид-19. Сертификат ќе биде потребен и за влез во обложувалници и во молови. Најновите мерки, протоколи и препораки за заштита на населението од Ковид-19 се носат по препорака на Комисијата за заразни болести.

Почнувајќи од денеска, за влез во кафуле, без оглед на капацитетот и бројот на присутни гости, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување на сертификат/потврда за извршена имунизација, односно примена најмалку прва доза вакцина; сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за полнолетни лица.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство на секаков вид на настан на отворен простор, каде што има повеќе луѓе, како и за влез во затворениот дел од моловите. Во сите угостителски објекти, кафулиња и барови, каде што капацитетот е поголем од 30 посетители задолжителнo e воспоставување редарска служба за контрола и спроведување на мерката.

Во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30 отсто од капацитетот, со приложување и проверка на еден од задолжителните Ковид-19 документи.