На Макфест ќе се пее на плејбек зашто НЕМА ТОЛКУ МИКРОФОНИ

17

Реномираниот фестивал на забавни мелодии ,,Макфест” годинава ќе се одржи на 18-ти и 19-ти септември на отворено, на градскиот плоштад во Штип. Поради актуелната ситуација, настанот ќе претрпи промени, а една од нив е и пеењето на плејбек. Имено, како што на прес конференција појасни директорот Кирил Панајотов, според протоколите за заштита, за секој изведувач бил потребен посебен микрофон, а тоа било неизводливо, па затоа нема да се пее во живо.

– Не постои техничка можност, засебен микрофон за секој пејач, па затоа ќе се оди на плејбек. Првата вечер на фестивалот пак, е ревијална, имаме осум изведувачи, и тоа е изводливо – изјави директорот.

Поради пеењето на плејбек, годинава нема да биде доделена награда за најдобра интерпретација, но остануваат останатите вредни награди за победниците. За првото место 5.000 евра, за второ место 3.000, а за трето 1.000 евра. Ќе бидат доделени уште три награди од по 500 евра за најдобар аранжман, сценски настапи и дебитант.

Годинава нема да го има традиционалниот завршен коктел, ниту торта за победникот. Ова ќе биде првпат досега победникот да не ја сече славеничката торта.

За време на гласањето ќе се одржи шоу програма која годинава е доверена на Игор Џамбазов и на Игор Атанасовски-Гуру Харе. ТВ-преносот на МРТВ е со почеток во 20:30 часот.