На рускиот опозиционер Алексеј Навални му е одреден едномесечен притвор

32

Најпознатиот руски опозиционер и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, ќе остане во притвор 30 дена, откако вчера беше уапсен по враќањето во Русија од Германија. Тој со месеци се лекуваше во Берлин, откако летоска беше отруен со нервен агенс новичок.

Четириесет и четиригодишниот Навални е притворен за прекршување на неговата условна слобода и ги повика луѓето да излезат на улични протести. САД и Европска Унија ја повикаа Русија веднаш да го ослободи Навални.

Тој беше сослушан денеска во полициска станица во Химки, во предградието на Москва, откако таму ја поминал ноќта. Судот притоа наредил Навални да остане во притвор до 15 февруари.

Ново сослушување е закажано за 29 јануари, кога ќе биде решено дали неговата условна казна од три и пол години ќе се замени со затвор.

„Мојот третман е исмејување на правдата, а сослушувањето беше беззаконие од највисок степен. Не плашете се, излезете на улица, не за мене, туку за вас и вашата иднина“, кажа Навални.