НА ЈАВЕ КОШМАР, А НАСОН ЕУ

13

Да, јас сакам, сите ние сакаме ЕУ да биде директна со нас, колку и да боли. Да ни ја каже вистината што ја знаеме, а (не) сакаме да ја слушнеме. Да знаеме дека кумувањето со Тираносаурусот, неказнувањето на злото и наградувањето на штетното нѐ прави една искината вреќа, дупка без дно. А што и да ставиш во искината вреќа, сѐ ќе истече. Затоа, луѓе мои, фосилите на Тираносаурусите во музеј. Таму им е местото. А на кормилото на државата, НАРОДОТ!  

Од  Др. Арбен ТАРАВАРИ

Eте, заврши десеттото поглавје од романот „Македонија и ЕУ“….

Заврши за да се отвори единаесеттото, при што, повторно, и покрај политичките неуспеси, сиромаштијата, екстремната корупција, масовното заминување, политичарите, небаре сме нивни марионетки, ќе ни држат говори за ЕУ и нашата „меѓупланетарна перспектива”…

И сѐ така. ДОДЕКА ИНТЕРЕСОТ ЦАРУВА, ВИСТИНАТА ЌЕ СИ МОЛЧИ!  

Сиве овие години, епохата на ДУИ, партијата на the One and Only, беа претставени како години на големо исчекување. А ни се вратија како тешка шлаканица и млатење празна слама.

Бескруполозно и дрско, правдајќи се со стремежот за европскиот сон, се подзаборавија монтирани судски случаи, кражби на гласови, мито од милиони евра, вработувања и отпуштања од работа врз партиска основа и стотици други скандали. Па така, нашите владетели се вадеа на тоа дека се жртви на политички напади и клевети, а потоа распалуваа со огнен говор, пренесувајќи ги долгоочекуваните „абери од ЕУ“ … Па, така си мислеа дека ќе ни ги подзатворат очите и устите употребувајќи флоскули од типот „Трпете и молчете, в петок влегуваме во ЕУ, а ако не е петок тогаш, гарант, в среда“. Како беше онаа народната мудрост? Ако не врни, барем ќе капни.

А во меѓувреме, на нашата сцена се одигра една изборна маскарада, со главни ликови псевдореволуционери кои власта ја поделија со противници во име на некакво си општо добро. И би што би, масовно заминување од државата, тажен заплет, без расплет, а за крај неволја до бескрај. И, нормално, ЕУ ќе ни биде сон, а да не речам ние неа кошмар!

ЕУ и САД стимулираа промена, арно ама политичките лидери ги подигнаа знамињата на новата ера држејќи на власт еден фосил од праисторискиот период на диносаурусите, видот наречен Тираносаурус!!!

Tyrannosaurus Rex е полниот назив на овој вид, познат и како животно со најсилен залак на Земјината топка, еден од најголемите ‘месождери“ кој, за да преживее, со мерак јадел други диносауруси кои не припаѓале на неговата фамилија.

Со тиранин на власт не само што не се оди во ЕУ, туку се зголемува можноста и да не постои државата.

И? Со оваа реалност ни се соли памет за пристапување кон Европа?! Со млади луѓе кои наоѓаат работа само ако безрезервно ѝ се продадат на партијата Тираносаурус?! Со функционери обвинети за ужасни работи, чија (не)доблест никогаш нема да им дозволи да си дадат оставка?!

Ама, драги мои, Европа не се лаже, какви и да ни се мајсторите на измамата.

Но, знаете што? Мислам дека Европа, сепак, нè сака. Колку и да звучи налудничаво во моментот. Со тоа што ЕУ не нè прима, најверојатно, ни ја праќа најмоќната порака и ни покажува дека Унијата не е „политичка отскочна даска“, туку е платформа за благосостојба на народот. Веројатно има уште многу пораки кои што треба да ги знаеме, да ги слушнеме јасно и гласно, токму од Унијата. А во таа смисла и би се согласил со министерот за надворешни работи Никола Димитров кој рече: „Најмалку што ЕУ му должи на регионот е да биде директен со нас“.

Да, јас сакам, сите ние сакаме ЕУ да биде директна со нас, колку и да боли. Да ни ја каже вистината што ја знаеме, а (не) сакаме да ја слушнеме. Да знаеме дека кумувањето со Тираносаурусот, неказнувањето на злото и наградувањето на штетното нѐ прави една искината вреќа, дупка без дно. А што и да ставиш во искината вреќа, сѐ ќе истече.

Затоа, луѓе мои, фосилите на Тираносаурусите во музеј. Таму им е местото. А на кормилото на државата, НАРОДОТ!  

Vox Populi Vox Dei!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)