На Љубе Бошкоски пак ќе му се суди за „Кампања“ на негово барање

63

На сегашниот советник, а поранешен министер, Љубе Бошкоски пак ќе му се суди за случајот „Кампања“ за којшто одлежа пет години затворска казна.

Од Кривичниот суд соопштуваат дека Кривичниот совет постапувајќи по барање на одбраната на Бошкоски, го уважил барањето за повторно судење на предметот.

-Претходно, за барањето за повторно судење, а согласно и пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, добиено е позитивно милење од надлежниот Јавен обвинител по што е уважено барањето, за кое странките не вложиле жалба пред Апелациониот суд и истото е веќе правосилно, соопштуваат од Судот.

Бошкоски беше уапсен веднаш по изборите, односно на 6 јуни 2011 година, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања.

Беше осуден на пет години затворска казна која ја одлежа во „Идризово“. За неговото апсење односно нечовечкото постапување на полицијата при неговото апсење, во Кривичен се води предметот „Тортура“, а меѓу обвинетите е и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

По доаѓањето на СДСМ на власт, Бошкоски стана посебен советник во Владата за странски инвестиции.