На 1 февруари истекува рокот за пријавување труд за Годишната награда за млад истражувач на Народната банка

4

 

Сите заинтересирани млади истражувачи до 1 февруари годинава, кога истекува крајниот рок, можат да поднесат свој труд на конкурсот за Годишната награда на Народната банка (НБ) за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2023 година.

Согласно условите и критериумите на јавниот повик, објавен во јули минатата година, право на учество имаат сите државјани на земјава на возраст до 35 години, кои не се вработени во Народната банка и не се членови на Советот. Авторите можат да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2021 година. Трудовите се поднесуваат до Народната банка по електронски пат на е-адресата: [email protected]. Доставените трудови и информации, како што велат од НБ, ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд изнесува 100.000 денари, но доколку Одборот за оценување процени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, може да се додели и втора награда во износ од 50.000 денари. По оцена на Одборот, може да биде доделена и само втора награда или воопшто да не биде доделена Годишната награда, доколку се утврди дека ниеден од трудовите не ги исполнува потребните услови.

-Народната банка постојано ја поттикнува научно-истражувачката мисла во областа на макроекономијата и банкарството. Покрај Клубот на истражувачите, каде што истражувачите имаат можност да ги презентираат своите трудови, Годишната награда за млади истражувачи е дополнителна алатка на Народната банка за мотивирање на младата популација за унапредување и развој на истражувачката и аналитичката работа во областа на економијата, истакнуваат од НБ.