Негативен резултатот на сомнителната пациентка со корона

21

Негативен е резултатот за присуство на корона вирус кај пациентката за која постоеше сомнеж, а која е една од двата дополнителни случаја што беа тестирани вчера на Инфективната клиника во Скопје, по утврдениот прв пациент со овој вирус.

– И двата случаја се негативни на вирусот. Во моментов, веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај заразен со вирусот COVID 19, соопшти Министерството за здравство.

Претходно, ресорниот министер Венко Филипче изјави дека тестираната пациентка со сопругот била на патување во Рим, и имала симпотоми слични на грип. Првиниот тест бил парцијално позитивен што, според Филипче, можело да биде вкрстена реакција од други вируси. Затоа се направило дополнително тестирање за да се отстранат сомнежите.

Другиот тестиран пациент кај кој исто така резултатот е негативен е возач на камион кој патувал преку северна Италија.

Пациентката, пак, кај која беше потврден коронвирус се чувствува добро и нема посериозни компликации. Во текот на ноќта епидемиолози ги посетиле сите девет патници кои биле во комбето со пациентката со коринавирус, на пет локации, две во Скопје и три во Струмица.

-Сите патници кои патувале од Италија со пациентката уште синоќа се исконтактирани и се наоѓаат во изолација во домашни услови во соработка со МВР. Најголем дел од патниците немале контакт со поголема маса луѓе, туку само со семејството. На денешниот состанок на комитетот ќе ги разгледаме можностите за продолжување на домашната изолација или префрлање на овие лица во инфективните одделенија, одредени за изолација, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Лицата со кои тие биле во контакт се веќе лоцирани и исконтактирани. И тие се наоѓаат во домашна изолација, а епидемиолозите на Центрите за јавно здравје од утринава се веќе на терен и ги анкетираат, согласно утврдената постапка.