Недвед го крена гласот: Бесни сме за ова што се случува во Италија, секогаш се повторува истото

5

Јувентус славеше во дербито со Фиорентина со 3:0 и прокнижи нов триумф на домашен терен, но по истиот, одново пристигнаа доста непосакувани реакции од Италија, со кои беше оспорен успехот на домаќините.

Претседателот на Фионретина, Роко Комисо нагласи дека судиите му помогнале на Јувентус да освои комотни три бода, бидејќи вториот пенал кој бил досуден над Бентанкур во неговите очи били прекршок во напад. Главниот судија и луѓето во ВАР собата не сметаа така и Кристијано Роналдо по вторпат беше прецизен од белата точка, а на крајот погоди и Де Лихт кој ги постави конечните 3:0.

Сепак, поплаките од спротивната страна не го оставија Павел Недвед да се израдува на победата како што доликува, па потпретседателот на Јувентус одлучи да го крене гласот по случувањата на теренот.

– Имам респект за претседателот на Фиорентина, но веќе премногу често гледаме вакви нарации против Јувентус, поплаки дека Јувентус не ја заслужува својата победа. Навистина сме бесни со ова што се случува во Италија. Време е луѓето да престанат да бараат алиби кога играат против Јуве, секогаш се повторува истото. Ние добиваме натпревари бидејќи играме добар фудбал, – порача Недвед за „ДАЗН“.