Неделен извештај на ИЈЗ: Смртните случаи се намалиле за 33 отсто, пад од 27 отсто и кај новозаразените

12

Во текот на изминатата недела (од 7 до 13 март) во државата се регистрирани 1 818 позитивни случаи со ковид-19. Процентот на позитивност се движел од 7,8 до 13,8 отсто или во просек 11,6 проценти, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Меѓутоа, претходната недела за 12 отсто бил намален и бројот на тестирања.

Извештајот покажува дека најголем број заразени минатата недела имало кај лицата над 60 години – 27,8 отсто. Најмал број од регистрираните нови случаи, пак, бил кај децата до деветгодишна возраст – 3,3 отсто.

„Во однос на претходната недела, се регистрира намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 41,7% во возрасната група од 0-9 години“,велат од ИЈЗ.
Кога станува збор за градовите, најмногу биле во Скопје – 983 случаи од вкупно 1 818.

Реинфекции, пак, имало во 267 случаи што е намалување за 28,2 отсто на бројот на лица кои се заразиле по втор пат.

Во периодот од 7 до 13 март биле регистрирани и 2 400 оздравени пациенти.

Според извештајот на ИЈЗ, минатата недела пријавени се 34 смртни случаи во 13 градови во државата.

Во споредба со една недела претходно, тоа е намалување на бројот на починати за 33,3 отсто.

Најголем број од починатите – 17, биле од Скопје, а во однос на возраста 33 од 34 починати биле над 60 години. Еден пациент бил во возрасната група од 50-59 години.

Кога е во прашање вакцинацијата, податоците од ИЈЗ покажуваат дека заклучно со 12 март, во земјава барем со една доза се вакцинирани 871 лица. Со две дози од нив се вакцинирале 851 655 граѓани, а трета доза примиле 147 223 лица.