Неделкова: Јас сум голем трофеј, некој не ме сака во судскиот систем

25

Кога имате свој интегритет, углед, достоинство и кога не може да се влијае на вас – не им требате во судскиот систем, вели поранешната претседателка и актуелна судијка во Врховниот суд, Лидија Неделкова во „Утрински брифинг“.

Неделкова зборуваше за нејзината кривична пријава против тројца членови на Судскиот совет кои ги товари за злоупотреба на службената положба бидејќи, според неа, ја искористиле положбата за да влијаат на постапката што се води против неа по поднесена претставка од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски. Посочи дека членовите не го прифатиле првичниот предлог на комисијата, постапката против неа да се запре, и влијаеле одлуката да се преиначи во предлог за нејзино разрешување.

„Се работи за една од повеќето пријави кои поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски ми ги поднесуваше, заради нетрпеливост околу еден случај. Таа постапка нема никаква врска со некакви предмети или незаконско постапување туку негов аспект околу работните односи, користење на работно време, значи нема врска со никаков предмет. Во таа постапка веќе комисијата донесе предлог-одлука за запирање и таа предлог-одлука се враќа во друга комисија. Е тоа не може по закон, таа комисија треба да ме повика да ми каже што има ново, ако воопшто има ново“,вели таа.

Неделкова повтори дека, според неа, членовите на Судскиот совет кои сега кривично ги гони, имаат лични и политички причини за да ѝ нанесат штета и дека некому му пречи и нејзината актуелна кандидатура за претседател на Врховен суд.

„Јас нема искуство од 5 дена, јас сум судија од 1996 година. Реформите јас ги предводев во време на своето претседателство и на сите им бев надредена. Но, да не го сведувам само на лична основа, кое очигледно е недоволно прифатливо, туку е некаква асоцијација за политички притисок, бидејќи зошто токму сега во време на ваква реформа што ја прави Министерството за правда околу оценка на постапувањето на судиите со стари предмети, кои не се работат во рокови, каква врска има сето ова и мојата постапка која е од 1 април 2019? Јас сум голем трофеј, не треба да го каже некој тоа, јас сум свесна. Не само што некој не сака да ме види на чело Врховниот суд, туку и во судскиот систем. Кога имате свој интегритет, углед, достоинство кгоа не може да се влијае на вас, па не им требате во судскиот систем.. Очекувам правда. Да беше сето ова сериозно јас самата ќе си дадев оставка. После се што сум направила во судството не би дозволила вака со мене некој да манипулира“, вели Неделкова.

Коментирајќи ги најавените реформи и „филтрацијата“ на судството, Неделкова вели дека угледот на судството не се враќа со масовни разрешувања, туку со професионализација на судиите.

„Моето лично мислење е дека работата почна со непотребни квалификации, не може за судиите да велите „ќе ве прочистиме“, тоа прво не е соодветен израз. Верувајте секој ден контактирам со судии сите се плашат бидејќи е така прикажано. Ја разбирам јавноста, се изгуби авторитетот на судството подолг период, но тоа што се вели дека „судиите судат на ист начин“, па начинот е предвиден во закон како да судат? Единствено ако судат спротивно на законот тоа е друга работа. Но, угледот на судството не се враќа со масовно разрешување, туку со подобрување на професионалноста на судиите, со обуки да им помогнеме на судиите кои евентуално се изгубиле по патот, а не веднаш да ги разрешиме“, вели таа.

Неделкова апелира оценувањето на судиите за застарени предмети да се прави внимателно.

„Еве вчера добив како заслуга најверојатно да работам предмет од 2017 за судење во разумен рок, којшто го работиле четири судии. Сега јас треба да го решам и мене Судскиот совет утре да ми рече – ти четири години не си го решиле, па сега ќе те разрешиме. Тоа не го знае јавноста дека тоа не оди баш така со тие стари предмети и затоа апелирам на еден внимателен пристап“, вели Неделкова.