„Нема делење, Косово е срцето на Србија“, протест во Белград, се палеа косовски знамиња

246

Неколку стотици луѓе на 12 декември се собраа во Белград, пред црквата Свети Сава, на протест за поддршка на Србите на Косово. Протестот беше најавен на социјалната мрежа Телеграм, на групите на десничарските организации во Србија.

Еден од организаторите им се обрати на насобраните, беше маскиран и не сакаше да го открие идентитетот, туку само рече дека е од Косово.

Тој ѝ рече на толпата дека не сака „никаква Заедница на српски општини“ и дека Косово е дел од Србија.

Насобраните пееја песни за Косово и погрдни песни за Косоварите.

Тие извикуваа „Србите и Русите браќа засекогаш“, како и „Нема поделба, Косово е дел од Србија“.

Тие носеа руско-српско знаме, транспарентот „Косово нема предавање“, а го имаше и симболот на руската воена инвазија на Украина „Z“.

Демонстрантите потоа прошетаа низ централните градски улици, кои беа привремено затворени за сообраќај, а пред Претседателството на Србија го запалија знамето на Косово.

Прошетката заврши во црквата „Свети Марко“ во центарот на Белград, каде што организаторите рекоа дека „го чекаат одговорот на државата“.

Камиони и автобуси трет ден ги блокираат патиштата на северот на Косово, спречувајќи го сообраќајот кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак.

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека на 15 декември Владата на Србија ќе испрати барање до командантот на КФОР за враќање на до 1.000 припадници на безбедносните сили на Косово.

Ова го соопшти официјален Белград на 8 декември, повикувајќи се на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Ова беше одговорот на Белград на зголеменото присуство на косовската полиција на северот на Косово.

Високиот претставник на Европската Унија, Жозеп Борел, ги повика Приштина и Белград да му се вратат на дијалогот.