Неопходна е регулација на нестандардните форми на вработување заради натамошно унапредување на работничките права

5

Состојбата со нестандардните форми на вработување и унапредувањето на работничките права беше тема на работилницата организирана од Меѓународната организација на трудот (МОТ), а на која учествуваа експерти, претставници на Министерството за труд и социјална политика, на синдикатите и на организациите на работодавачи.

Вовед во дискусијата беше анализата за нестандардните форми на вработување која ја спроведе Меѓународната организација на трудот во текот на 2021 година. Низ економски, правен и квалитативен аспект, анализата покажа дека во земјава помеѓу нестандардните форми на вработување доминира работата на определено време, со 77% од вкупниот број вработени лица, понатаму сезонската работа со 10%, повремената работа со 12% и останати форми на вработување учествуваат со еден насто.Јасен показател за потребата од попрецизно регулирање на овие форми на вработување и доследно спроведување на законите е податокот дека вработените на определено време, за разлика од оние на неопределено време, земаат 13.6% пониска плата.

„Со добра регулација и имплементација на нестандардните форми на вработување се овозможува брзо прилагодување на работодавачите на динамичниот пазар на труд и справување со недостигот на работна сила. Од друга страна, на работниците ќе им го олесни пристапот до нови работни места, посебно на маргинализираните групи, младите, жените, постарите работници и мигрантите. Нестандардните форми на вработување не смеат да бидат средство за намалување на трошоците за работна сила на сметка на основните работнички права. И затоа, при нивната регулација мора да бидеме многу претпазливи. Работникот и неговите права во ниту еден момент не смеат да бидат загрозени“, оцени министерката за труд и социјална политика,Јагода Шахпаска.

Министерката Шахпаска нагласи дека со новиот Закон за работни односи јасно ќе бидат регулирани договорите на определено време, работата од далечина и работата од дома, ангажирањето на работници во домаќинства, сезонските и повторливи сезонски работи, работа со неполно работно време. Подобро ќе биде регулиран и работен однос адресирајќи ги прикриените вработувања, кои се суштинска девијација од стандардното вработување.

Меѓународната организација на трудот ги издвојува следните четири групи на нестандардни форми на вработување: привремена работа; неполно работно време и работата на повик; форми на вработување во кои не постои директен однос работник-работодавач и форми на вработување кои се вршат надвор од работен однос,односно прикриен работен однос или зависно самовработување.

„Промените во светот на работата го предизвикуваат традиционалното гледиште на стандардниот работен однос и сѐ почесто водат кон нови, нестандардни форми на работа. Овие форми на вработување, во континуитет, заземаат сè позначајно место и на македонскиот пазар на труд. Тие самите по себе не се проблем, но како и секој друг вид на вработување, тие треба да се регулираат за да бидат извор на пристојна работа”, истакна Сержеј Суарез ДилонСоарес, специјалист за пазарот на трудот од Меѓународната организација на трудот.

Во текот на работилницата,од страна на експертите, претставниците на Министерството за труд и социјална политика, синдикатите и организациите на работодавачи,беа потврдени наодите од анализата и воедно се дискутираа насоките за реформирање на македонското трудово право.

„Во консултација со социјалните партнери, реформата на Законот за работните односи што ја спроведува Владата, нуди можност за подобро справување со предизвиците поврзани со нестандардните форми на вработување, вклучително и преку построга регулација на работата на определено време, на прикриените работни односи или олеснување на пристапот до квалитетна работа со скратено работно време“, смета Мартине Хумблет, специјалист за работни услови.

Еден од заклучоците од дискусијата е дека новонастанатите околности придонесуваат кон погрешна и нејасна примена на правото. Тоа доведува до создавање на „прикриен работен однос“односно лажноквалификување наработникот како „самовработено лице“, „нејасен договорен однос“во кој доминира економскиот интерес за сметка на правната заштита. Во сите овие случаи лицето е вон работен однос. Дополнително, застапен е и „трипартитниотработен однос“ кој се реализира со посредство на агенции за привремени вработувања или, пак, опфаќа отстапување на работници помеѓу компаниите, при што е исклучително тешко да се утврди вистинскиот работодавач на работниците.

Оваа работилница е дел од процесот на реформата на работното законодавство и креирањето на нов Закон за работни односи, која ја води Министерството за труд и социјална политика, во консултации и дијалог со социјалните партнери – синдикатите и организациите на работодавачи, а за што континуирана поддршка обезбедува Меѓународната организација на трудот.