Несторовски со гол донесе победа над Рома

19

Изненадувачка победа на Удинезе среде „Олимпико“ на која гол постигна и македонскиот напаѓач Илија Несторовски. Аталанта го победи Наполи и стави крај на борбата за Лигата на шампионите.

Рома и дефинитивно се збогува со шансите за пласман во Лигата на шампионите откако синоќа доживеа неочекуван пораз од Удинезе, тим кој се бори за опстанок.

Изненадувањето го најави Кевин Лазања во 12. минута, а од 29-тата римјаните мораа да играат со 10 играчи откако Диего Пероти заработи директен црвен картон поради опасна игра.

Македонскиот интернационалец Илија Несторовски натпреварот го почна од клупата за резерви, а во игра влезе во 65. минута. Тринаесет минути подоцна на одлична асистенција на Родриго Де Паул ја затресе мрежата на Антонио Миранте запечатувајќи ја победата на гостите од Удине.

Ова е само втор гол за популарниот НестоГол сезонава на кој чекаше дури 16 кола бидејќи првиот го постигна во 13. коло во поразот од 2:1 од Сампдорија.

На Рома не ѝ оди во прилог ниту резултатот од Бергамо каде Аталанта го совлада Наполи со 2:0. Марко Пашалиќ и Робин Гозенс во воведните минути од вториот дел набрзина ја затресоа гостинската мрежа. Кај гостинскиот тим не доби минутажа нашиот бисер Елиф Елмас.

Со новите три бода Аталанта и натаму е на 4. место со 60 бодови, но дури 12 повеќе од петтата Рома и 15 пред шестопласираниот Наполи. По ова 29. коло дефинитивно се става крај на борбата за првите четири позиции кои водат во Лигата на шампионите и каде ќе играат Јувентус, Лацио, Интер и Аталанта. Математички останатите сѐ уште се во игра, но едноставно тешко е за верување дека Аталанта, кој игра одлично, ќе прокоцка толкава предност.

Удинезе на Несторовски со 31 бод е на делба на 13. место со Фиорентина и Торино, а има 6 повеќе од зоната за испаѓање.