Нетанјаху води на изборите во Израел, но не доволно за да состави влада

5

Неофицијалните излезни анкети велат дека израелскиот премиер ќе се врати на власт и покрај претстојното судење за корупција.

Со околу две третини од гласовите преброени на третите избори во Израел за 12 месеци, Ликуд на Бенџамин Нетанјаху се чини дека е победничката партија, но ќе ѝ треба поддршка од други партии за да формира влада.

Нетанјаху, лидер на десничарската Ликуд, врз основа на првичните проекции од трите најголеми телевизиски станици во Израел прогласи победа на изборите над поранешниот лидер на вооружените сили Бени Ганц и неговата Сино-бела партија на центарот.

Сепак, најновите резултати од излезните анкети покажуваат дека на Нетанјаху и неговите сојузници им недостигаат едно до две места во израелскиот парламент, што укажува на можна нова пат-позиција.

„Ова е голема победа за Израел“, напиша Нетанјаху на Твитер, покрај фотографија од себеси како слави откако беа објавени резултатите од излезните анкети.

Израелските медиуми објавија дека тој веќе разговарал со сите десничарски партии и договорил што е можно поскоро да формира силна национална влада.

Излезните анкети покажуваат дека Ликуд освоил 36 до 37 од 120-те места во парламентот, а сојузот на Ганц 32 или 33.

Анкетите покажуваат дека на десничарскиот блок на Нетанјаху му недостига еден пратеник за да го добие мнозинството од 61 потребно за самостојно да формира владејачко мнозинство.

Левиот центар, според анкетите, ќе има 52 до 54 пратеници.

Делумниот официјален изборен резултат ќе биде објавен денеска.

Нетанјаху на овие избори се бори за својот политички опстанок, бидејќи неговото судење за три случаи на корупција е предвидено да почне на 17 март.

На претходните избори во април и во септември немаше јасен победник и не беше формирана нова влада.