Нетанјаху: Нека ги запрат нападите од Газа или ќе искусат уште повеќе удари

15

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска му порача на палестинското движење Исламски џихад да го прекине ракетирањето на Израел, бидејќи ќе искусат уште повеќе напади од израелската војска.

Нетанјаху го изјави ова на почетокот на состанокот на неговиот кабинет за безбедност во време кога израелските сили ги засилуваат смртоносните напади на позициите на Исламскиот џихад, а пак тие продолжува да испалуваат ракети од Газа кон Израел.

„Решени сме да се бориме за нашата земја и да ја браниме, и ако тие мислат дека салвa ракети ќе нè ослабнат или ќе ни ја разнишаат нашата решеност, грешат“, рече тој.

„Имаат само еден избор: или ќе престанат со нападите или ќе трпат се повеќе и повеќе удари. Одлуката зависи од нив“, рече Нетанјаху.

„Продолжуваме со напад на Исламски џихад, откако го елиминиравме нивниот командант во Појасот“, рече Нетанјаху на специјалниот состанок на кабинетот, осврнувајќи се на убиството на Баха Абу ал Ата рано во вторникот, што ја предизвика ескалацијата.

„Тој беше одговорен за повеќето терористички напади кои произлегоа од појасот Газа во минатата година и планираше да изврши повеќе напади во следните неколку дена“, додаде Нетанјаху.

Израелската авијација во средата ги бомбардираше позициите на Исламскиот џихад во Појасот Газа, предизвикувајќи нови салви ракети кон Израел.

Како резултат, вкупно 22 Палестинци се убиени од вторникот во израелските операции против Исламски џихад, вклучувајќи и висок командант на организацијата и неговата сопруга.

Четириесет и двегодишниот Баха Абу ал Ата, лидер на оруженото крило на Исламски џихад, Бригадите Ал-Кудс, е убиен, како и неговата сопруга, во израелски воздушен напад врз нивниот дом во вторникот во источниот дел на градот Газа.

Исламски џихад во вторникот објави дека го смета убиството на нејзиниот водач за „објава на војна“ од Израел.

Од вторникот, вкупно 250 ракети се истрелани од Газа на Израел, но никој не е убиен, според најновите информации на израелската војска, која додаде дека 90 проценти од ракетите биле пресретнати од израелската противвоздушна одбрана.