Не е наше да кажуваме какво малцинство има во Бугарија, вели Маричиќ

10

Новиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ кажа дека не е на Северна Македонија да кажува каде какво малцинство има во регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, на денешната прес-конференција со германската државната министерка за Европа Ана Лирман. Маричиќ беше прашан за вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков дека не постои македонско малцинство во Бугарија и беше побарано директно да одговори дали има такво малцинство.

„И досега имавме пракса на немешање во внатрешните прашања на било која наша соседна држава, тоа ни е и обврска од Уставот. Не е на Северна Македонија да кажува каде какво малцинство има во регионот, тоа е внатрешно прашање на сите држави во регионот, вклучувајќи ја и Бугарија. А секоја група на луѓе, етничка заедница, политичка партија или здружение имаат право да ги бараат своите права преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права и слободи и Европската конвенција за човекови права и слободи. Мислам дека изјаснување и дефинирање на тоа каква етничка заедница егзистира во државите од регионот не би било во овој момент продуктивно“, одговори Маричиќ.

Германската министерка Лирман кажа дека за Германија е важно билатералните прашања што постојат меѓу Бугарија и Северна Македонија да бидат решени билатерално, независно од пристапниот процес со ЕУ.

„Сакам јасно да кажам дека Германија е сериозна со ЕУ перспективата за сите држави од регионот. ЕУ во однос на Северна Македонија стои на својот збор. Сите предуслови за почеток на пристапните преговори се исполнети и пристапните преговори на ЕУ со вашата земја и со Албанија треба да започнат. Германија и понатаму активно ќе се залага за тоа. За нас и понатаму е важно билатералните прашања што постојат меѓу Бугарија и Северна Македонија да бидат решени билатерално, независно од пристапниот процес со ЕУ. Јас сум оптимист што се однесува до сигналите од Бугарија“, кажа Лирман.