Не ни текнало тукутака во Владата да правиме софтвер, набавката на Рашковски е со причина, рече Заев

33

Премиерот Зоран Заев вели дека нема ништо спорно во набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци кој лани го набавил поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. Заев тврди дека за набавката вредна 81.000 евра има писмена комуникација меѓу Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за внатрешни работи и тие документи во наредните денови ќе бидат покажани на јавноста.

„Има причинско-правни последици зошто е тоа правено, со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтверот кој може да се употребува во Министерството за внатрешни работи. Се работи за објект кој снима 360 степени кој е набавен врз основа на претходни длабински анализи. Ова е правено со причина, не ни текнало така нас седејќи во Владата ај ќе правиме софтвер. Ако не го користат сега, може во иднина ќе го употребуваат“, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање при посетата на трговскиот центар во градба „Скопје ист гејт“.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека нема потреба од софтверот за сообраќајни прекршоци што го Рашковски за 81.000 евра. Софтверот, како што објави „360 Степени“, и по осум месеци откако е испорачан, не е во функција, а според Рашковски, треба да биде дел од системот „Безбеден град“ што МВР наводно планирало да го надгради за да може да изрекува казни преку видеонадзор. Но, од МВР се оградуваат од мешање на надворешни лица и органи во набавка на опрема за санкционирање граѓани, што си е надлежност на министерството, а велат и дека системот „Безбеден град“ не може да се користи за санкционирање на сообраќајни прекршоци и токму поради тоа работат на нов проект со камери за оваа намена.