Не ни треба некоја посебна мотивација кога играме за Македонија

5

Фудбалерот од средниот ред на Леванте, Енис Барди вели дека нема потреба од некаква дополнителна мотивација кога се настапува во дресот на македонската репрезентација. Иако во голема мера се загубени шансите за водечките две позиции во квалификациската група, пресметката со Австрија во Виена е сама по себе мотив за квалитетно издание.

„Не ни треба некоја посебна мотивација кога настапуваме во дресот на македонската репрезентација. Двата последни натпревари од овие квалификации се и тоа како важни. Треба да бидат и еден вид подготовка за тоа што не очекува во плејофот од Лигата на нации. Затоа мора да бидеме максимално концентрирани и да атакуваме на победа“ – истакнува Барди, дополнувајќи дека би било добро на Австријците да им се реваншираме за оној пораз од 1-4 во Скопје.

„Факт е дека Австрија е повеќе од квалитетен тим, голем фаворит во пресметката со нас. Но, секако не треба предвреме да се предаваме. Мислам дека натпреварот во Скопје беше само еден лош ден за нас и сега посакуваме во Виена да го поправиме впечатокот“.

Натпреварот меѓу Австрија и Македонија во Виена се игра во сабота со почеток од 20:45 часот. Националниот тим утре патува за главниот град на Австрија.