Не се откриваат детали околу средбата Османи-Захариева, до каде е со акцискиот план?

5

Ненадејната „инстант“ посета на шефот на дипломатијата Османи на Софија, барем формално, не го донесе клучниот исчекор за одржување на Втората меѓувладина конференција, која треба да ја врати довербата меѓу двете страни.

Османи на средбата со Захариева очигледно не успеа да го надокнади процентот што недостасуваше за да се финализира Акцискиот план, за кој самиот неодамна порача дека е 99 проценти усогласен. Канал 5 денеска се обиде, но не успеа да добие одговор од Османи за повеќе детали од разговорите. Исходот од средбата, прва по бугарското вето, се сведе на кусо соопштение од македонското МНР, фотографија и фејсбук статус на Османи.

-Разговаравме за секторска соработка и подготовките за одржување на состанокот на меѓувладината комисија како инструмент кој произлегува од договор за добрососедство веднаш по усогласување на акцискиот план за секторска соработка, напиша Османи на Фејсбук.

Дали и каде запнала работата за конечно финализирање на заедничкиот акциски план не појасни ниту самата Захариева на денешното гостувањето на БТВ. Но, имаше одговор на веќе познатите прашања – дали Софија би ја омекнала позицијата кон земјава по изборите, во амбиент во кој како што оцени, Македонија се надевала на промена на актуелната власт во Бугарија.

-Тоа веќе им го кажав. Не знам каква претстава имате за однесувањето на ЕУ, но таа не функционира како Југославија, работи поинаку. Бугарија нема да подлегне на притисок, уште еднаш кажувам, од каде и да е, од кого и да е… Треба да престанат да мислат на тоа. , вели Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија

Финализирањето на Акцискиот план е услов за одржување на Втората Меѓувладина седница, чиј домаќин треба да биде Македонија, а на кој документот треба да биде потпишан меѓу Скопје и Софија. Нејзиното одржување се толкува како чин за релаксирање на меѓусебните односи и увертира за суштинските преговори, најавени по изборите во април во Бугарија.