Николоски – ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уцени од Заев

14

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска на прес-конференција изјави дека Зоран Заев работи на сценарио за одложување на изборите затоа што се плаши од избори и се плаши од соочување со народот. Премиерот претходно изјави дека е можно да не си даде оставка на 3 јануари, ако не се донесат битни закони за граѓаните.

Николоски вели дека на Заев првото алиби за одложување на изборите му беше ратификувањето на протоколот за влез во НАТО, но, како што вели, тоа не му успеа оти било разобличено од ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека дел од законите кои се во собраниска процедура се со скандалозна содржина, се на штета на граѓаните и се апсолутно неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ.

„Шверцерското и насилничко туркање на законите без дебата по брза постапка има за цел Заев да создаде криза во државата, со цел да се одложат изборите. А во таа насока е и изјавата на Заев со неформални услови и уцени да сме ги прифателе законите инаку немало да има избори“, додава тој.

Николоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја прифати коцкарската игра на Зоран Заев и нема да прифати уцени.