„Нова”: Курти и Вучиќ на состанокот во Брисел најверојатно ќе потпишат декларација за исчезнатите во војната

11

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на состанокот во Брисел кој е закажан за 18 август би требало да потпишат заедничка декларација за решавање на прашањето за исчезнатите лица од војната на Косово, објави денеска српска „Нова”.

Иако се уште официјалната агенда е непозната за јавноста и сите погледи се вперени кон решавање на проблемот за личните карти и регистарски таблички на српските возила, во Брисел според информации на Нова, се очекува токму прашањето за исчезнатите да се најде на маса и истото би требало да биде претставено како огромен чекор напред во односите помеѓу двете земји.

Според нивниот извор, со оваа декларација би требало да се пронајдат информации за исчезнатите во војната, додека пак есенва се очекува да се реши и прашањето за враќањето на имотот и евентуалното враќање на раселените лица.

Дека декларацијата била тема на разговор и на претходните средби во Брисел потврдил и претседателот на српската Комисија за исчезнати лица Вељко Одаловиќ, кој за Нова потврдил дека текстот бил усогласен но Приштина имала и одредени свои барања.

Новата рунда разговори доаѓа откако претходно, тензиите на северот на Косово дојдоа до точка на вриење, како резлутат на одлуката на косовската Влада да започне со примената на одлуката за реципроцитет со Србија во врска со примената на документите и менување на српските регистарски таблички КМ (Косовска Митровица). Овој потег предизвика револт кај српското население на северот од земјата по што беа поставени барикади и беа блокирани два гранични премини. Косовскиот премиер по овие настани, реши да ја одложи оваа одлука за еден месец за да се избегнат евентуални судири во земјата.