Нова рунда средби во дијалогот меѓу Србија и Косово: Вучиќ и Хоти денеска очи во очи во Брисел

9

Со средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти, денеска во Брисел, под покровителство на Европската Унија (ЕУ), продолжува дијалогот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина. Во улога на домаќин ќе биде високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.

Во соопштението на ЕУ за средбата се наведува дека ќе бидат разгледани прашања за малцинските заедници и меѓусебните побарувања и имотот, како дел од патот кон сеопфатен договор за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Вучиќ вчера пристигна во Брисел од Вашингтон и се состана со Лајчак, но и со специјалниот пратеник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер. Српскиот претседател најави дека на денешниот дијалог ќе се разговара за три клучни теми – за исчезнатите лица, за внатрешно раселените лица и за економијата и најави дека една од темите ќе биде и Здружението на српски општини.

Косовскиот премиер Хоти, пак, најави дека денеска со Вучиќ ќе разговара за конечниот договор за заемно признавање и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Косовскиот координатор за дијалог со Србија, Скендер Хисени, вчера по состанокот на експертските тимови од Белград и Приштина во Брисел, рече дека двете делегации забележливо ги доближиле своите ставови околу тоа што тој го нарече „елементи за еден сеопфатен договор за взаемно признавање”.