Новиот Буџет на Министерството за транспорт и врски за 2023 година е 324 милиони евра (ДПЛ)

5

Новиот Предлог буџет на Министерството за транспорт и врски за 2023 година изнесува околу 324 милиони евра, што е за 135 посто зголемување од оваа година.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска го презентираа Предлог буџетот за 2023 година и истакнаа дека предложениот Буџет за транспорт и врски е развоен со крупни инфраструктурни и капитални проекти, кои значат поттикнување на економскиот раст и основа за понатамошен развој.

Буџетската каса, како што информира, е проектирана за реализација на крупни капитални проекти како што се изградба на автопатот на Коридор 8 и Коридор 10Д, изградба на железница на Коридор 8, изградба и санација на локални патишта во општините, гасификација, изградба и реконструкција на водоводни и канализациони мрежи, субвенции за нови авиoлинии, како и подобрување на транспортот на граничните премини.

– Работиме на изградба и реконструкцијата на главните патни делници во земјата. Тоа е нашиот приоритет и во наредната 2023 година. Најголемиот дел од буџетската каса на транспорт и врски, за наредната година, односно 308 милиони евра се наменети за реализација на капиталните проекти, што е за 163 посто повеќе од оваа година, рече Ковачевски.

Ковачевски и Бочварски, презентирајќи го Буџетот, рекоа дека во 2023 година продолжува изградбата на автопатите на Коридорот 8, за што се предвидени 244 милиони евра. Се очекува следната година да заврши и изградбата на автопатот Кичево – Охрид и веќе во јануари 2024 година. Продолжува изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, третата лента на патот Паланка-Деве Баир. Во рамки на овој Коридор, наредната година треба да отпочне изградбата на автопатските делници Ќафасан-Струга-Требениште, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово и Коридорот 10Д Прилеп-Битола. Ќе се работи и на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, Дреново-Фариш, Скопје-Блаце прва фаза, Битола-Меџитилија и други автопатски делници за кои повеќе ќе зборува министерот.

– Во рамки на Коридорот 8, со предлог Буџетот за транспорт и врски, 33 милиони евра се предвидени за изградба на железницата на овој Коридор. На крајот на месец октомври годинава го означивме почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 низ Северна Македонија – делницата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка и активно изградбата продолжува следната 2023 година. Овој огромен проект отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработката на регионот во целина како и соработката на регионот со други региони во Европа, посочи Ковачевски.

Премиерот рече дека сите бевме сведоци на отпочнувањето на работите на новото пристаниште во Драч–Порто Романо каде што исто така врз основа на заклучоците од заедничката седница на двете Влади на Албанија и Северна Македонија, договорено е да има драј порт, односно суво пристаниште во Струга, до кое што транспортните средства ќе можат да доаѓаат токму по овој нов Коридор 8 којшто започнува со изградба идната година.

– Наредната година продолжуваме со темпото на изградба и санација на локални патишта во општините, за што се предвидени над 6 милиони евра, со кои значително се подобруваат условите за живот. За нас како Влада, изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградбата на дистрибутивни системи за природен гас е еден од приоритетите, посочи Ковачевски.

Во новиот Предлог-буџет се предвидени 1,7 милиони евра за спроведување на гасификацијата, односно за завршување на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар. Оваа година, како што информира, заврши изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола со што комплетно од границата со Бугарија кај Жидилово до Битола има функционален гасовод кој веќе влегува во фаза на полнење со гас и тестирање.

Околу 12,7 милиони евра се предвидени за изградба и реконструкција на водоводни и канализациски мрежи, а над еден милион евра за наредната година се предвидени за субвенции за авиолинии. Ковачевски информира дека веќе е предвиден јавен повик за доделување финансиска поддршка за авиокомпании што ќе воведат нови авио дестинации за граѓаните, кој се очекува следната недела да биде објавен.